Фабриката „ИГМ Пролетер“ - Виница е основана 1947 година од страна на државата со единствена дејност, производство на ќерамиди и тули. Клучна за ваквата одлука била долгата традиција на вакво производство во регионот, односно наоѓалиштата на квалитетна глина.
Во почетокот производството се одвивало на примитивен начин, рачно, а годишно биле произведувани по 1 милион парчиња пресувана ќерамиди и 1 милион парчиња НФ тули. Сушењето било природно, а печењето во Ринговата печка се одвивало на јаглен, како погонско гориво.
Првата поголема инвестиција била реализирана во периодот од 1971 год. до 1974 година. Тогаш се монтирани две полуавтоматски линии од типот „Бонџовани“ Италија за производство на пресувани ќерамиди и една автоматска линија од типот „Капелети“ Италија за производство на тенкоѕидни тули со поголеми димензии. Така производството се зголемува на 5.000.000 парчиња ќерамиди и 20.000.000 НФ единици тули годишно. Во овој период е изградена и втората Рингова печка, но, сега со поголеми димензии.
1986 год. - Изградена е и пуштена во работа тунелската печка на мазут, која ги заменува двете Рингови печки.
1989 год. - Поставена е уште една линија од типот на „Бонџовани“ за сурово производство на пресувани ќерамиди. Целта беше да се зголеми производсвото на ќерамиди наспроти тулите за ѕидање.
1997 год. - Фирмата се пререгистрира во Акционерско друштво.
2000 год. - Постигнат е рекорд во физичкиот обем на производство од 15.000.000 парчиња ќерамиди и капаци и 7.000.000 НФ единици тули.
Во периодот на транзицијата „ИГМ Пролетер“- Виница го започна процесот на приватизација, кога вработените откупиа околу 70% од акциите од државата.
Во почетокот на 2000 година, започнаа преговорите со ТОНДАХ Глаинштетен, односно со нејзиниот главен директор, господинот Франц Олбрих, за продажба на 70% од акциите во сопственост на вработените.
На 15.01.2001 година, со купување на 70% од акциите на вработените и 17% државни акции, Австриската групација ТОНДАХ Глаинштетен стана сопственик на 87% од акциите на фирмата.
Потоа, во групацијата ТОНДАХ Глаинштетен започна забрзаната подготовка на плановите за изградба на нова фабрика.
Во декември 2003 година престана да работи старата фабрика.
Во април 2004 година, почна со работа новата, целосно автоматизирана фабрика за производство на ќерамиди.

