ТОНДАХ® природно убави и долготрајни покриви!

Одржана 1. Wienerberger конференција за архитекти во Скопје

12. јун 2017

Со свои обраќања конференцијата ја отворија директорот за продажба и маркетинг на „Винербергер-Тондах“ во Македонија, Владимир Златковски, како и претседателот на Комората на архитекти на Македонија, Миле Димитровски. На конференцијата се собраа повеќе од 250 архитекти и градежни инженери, индивидуални професионалци, како и членови на тимовите на архитектонските бироа низ земјава.

На настанот беа презентирани најновите трендови во градењето, се зборуваше за тулата како најважен градежен материјал, за енергетската ефикасност на градбите и за предностите и разликите на косиот и рамниот покрив.

Четири врвни предавачи со четири инспиративни презентации

Прв предавач беше познатиот хрватски архитект, Андрија Русан, кој зборуваше на тема „Тулата во архитектурата“. Тој изложи низа уникатни „архитектонски приказни“, примери од неговата пракса, за развојот на проектите од идеја до реализација, во кои главната улога ја има тулата.

 

По него излагаше Мартин Пановски, врвен архитект, дел од „Радиус архитекти“ и претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Неговото излагање насловено „Трендови во архитектурата“ беше навистина инспиративно, свртувајќи го вниманието кон она што треба да бидат трендови во архитектурата во Македонија: поголема одговорност на архитектите кон природата, околината и општеството, грижа за екологијата преку заложби за енергетска ефикасност и поголема комуникација меѓу архитектите, но и комуникација на архитектите со корисниците на тоа што тие го продуцираат.

Третото предавање беше на д-рБојан Миловановиќ, професор на Градежниот факултет при Универзитетот во Загреб. Тој зборуваше за енергетската ефикасност, со низа примери од регионот за енергетската ефикасност на новите, но и за унапредување на енергетската ефикасност на постоечките градби. Сепак, она што тој го потенцираше е неопходноста од постојано имање предвид на другата страна од паричката, односно на лесната запаливост на фасадите што имаат висока енергетска ефикасност, преку низа примери на пожари на ваквите градби во светот и во регионот, но и во Македонија.

Последен предавач на конференцијата беше проф. д-рТодорка Самарџиоска од Градежниот факултет во Скопје. Таа зборуваше за косите и рамните покриви – разликите и предностите меѓу нив. Како што кажа во својата презентација, таа лично е приврзаник на косите покриви од ќерамида, кои според неа, се дел на нашата традиционална македонска архитектура со четириводни коси покривни конструкции, имаат висока енергетска ефикасност во смисла на потрошувачката за греење, попогодни се за нашите временски услови и (не)таложењето на снегот, но и од аспект на грижа кон околината – направени се од еколошки пријателски материјал и се подложни на рециклирање.

Во рамки на конференцијата беше отворена и изложба на архитектонски дела, наградени на Brick Award, а најсреќните десет архитекти ја добија на подарок ексклузивната публикација Brick Award ’16, како и влезници за следните „Денови на Орис“, кои ќе се одржат во октомври во Загреб.

За време на коктел паузата и свечената вечера архитектите имаа прилика да разменат свои идеи и искуства и се дружеа за време на концертот со гудачки инструменти.

Wienerberger и Tondach се заблагодаруваат на сите кои учествуваа на оваа конференција и сакаме вакви собири да ни станат традиција.